Македонија
18. October 2017 - 15:20

Македонски компании преку дигитален систем на СТО до меѓународните пазари

Сто македонски компании ќе се најдат на дигиталниот систем на Светската трговска организација (СТО) што ќе им овозможи интернационално претставување, промовирање и контактирање од страна на потенцијални меѓународни деловни партнери.

Станува збор за т.н. Светска мрежа за мали бизниси, проект што ќе го спроведува Сојузот на стопанските комори (ССК) со поддршка на СТО и Интернационалната стопанска комора.

Проектот беше официјално промовиран вчера и со него Сојузот стана втор Шампион за мал бизнис прогласен од страна на СТО, по минатомесечниот избор на првиот шампион - корпорацијата „Гугл“.

- Со Светската трговска организација ги отвораме вратите за извоз. Ќе покажеме дека Македонија има квалитет и дека домашните компании можат да одат напред, да го постигнат она што навистина сакаат во делот на производството и извозот, истакна денеска на прес-конференција претседателот на ССК Данела Арсовска.

Компаниите цела година ќе бидат дел од дигиталниот систем, но најпрво, во наредните два месеца, три тима на ССК ќе одат на терен за директно да ја проценат состојбата, односно да изберат фирми кои се солвентни и имаат потенцијал за трговија на меѓународно ниво, но не и доволно знаење, искуство, можности и вештини како да се пробијат на надворешниот пазар. 

- Уникатноста на проектот е што дава гаранција за компаниите да имаат ефикасни и безбедни деловни трансакции, како и нов сигурен партнер за соработка, потенцира Арсовска. 

Директорот на СТО Роберто Азевадо истакна дека мрежата е нов дигитален продажен излог за малите и средните претпријатија кој ќе им овозможи да ги промовираат производите и услуите, како и да ги користат можностите за обуки.

Според генералниот секретар на Интернационалната стопанска комора, пак, Џон Данилович, овој иновативен проект на ССК е одличен пример како бизнисот може да ја искористи својата експертиза и ресурси со практични решенија да делува во корист на сите