Македонија
25. јуни 2016 - 10:16

Македонската уметница Петра Јовановска изложува во Берлин

„Каде исчезна мојот круг“ е наслов на изложбата на македонскиот уметник Петра Јовановска која што берлинската публика ќе може да ја види до 5 јуни во „Прима центарот“ во Берлин каде што вообичаено своите дела ги промовираат македонските уметници.
 
Изложбата, јаува дописникот на МИА,  подготвена од Петра Јовановска е составена од концептулна презентација и инсталација на ликовни дела.
 
Авторката Петра Јовановска и во своето претставување пред берлинската публика се навраќа на геометрискиот облик кругот  кој за неа има широка симболика и функција, а секогаш може да се најде во различна форма и улога. Според неа кругот како симбол на бесконечноста, на целината, е нешто што нема почеток ниту крај, и претставува симбол на постоењето, симбол на планетата, на сонцето, симбол на внатрешната слобода.
 
Делата на Јовановска се реализирани во повеќе ликовни техники: колаж, фотографија, цртеж, како и графичката техника сув печат. 
 
Петра Јовановска е родена во Р. Чешка, а завршила на ФЛУ во Скопје, отсек графика. Досега реализирала триесетина самостојни изложби во Македонија, Чешка, Франција, Хрватска, Србија и Полска. Учестувала на над 180 групни изложби, како и на меѓународни ликовни колонии, симпозиуми, семинари а добитник е и на неколку награди во Македонија и во странство.