Македонија
8. December 2015 - 8:41

Македонската литература на Саемот на книга во Софија

Република Македонија со свој штанд ќе учествува на 43. Меѓународeн саем на книгата во Софија, кој ќе се одржува од денеска до 13 декември. Организатор на претставувањето на македонската литература во бугарската престолнина е издавачката куќа „Македоника литера“.

На саемот ќе бидат претставени современата книжевна продукција, културната историја и културното наследство на Македонија, преку избрана продукција на белетристички, монографски, научни и репрезентативни изданија, со разновиден рекламен материјал и со видеопрезентација.

На штандот на РМ ќе бидат претставени најновите преводи од македонски на бугарски јазик кои се реализирани преку Конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на странски издавачи.  Преку овој конкурс, годинава e значително зголемен интересот на бугарските издавачи за превод на дела од македонски автори, а со тоа е интензивирано и објавувањето на преводи. Меѓу писателите чии дела неодамна беа објавени на бугарски јазик се Киро Донев, Владимир Плавевски и Фросина Пармаковска, кои ќе бидат присутни на Саемот во Софија.   

„Македоника литера“ најави две промотивни активности – денеска, на првиот ден од саемот, ќе бидат претставени преводите на македонски дела што ги објавија издавачките куќи од Софија „Персеј“ и „Изида“, кои годинава потпишаа 14 договори со македонски автори за превод на нивни дела. Вториот термин за промоција на дела од македонски автори преведени на бугарски јазик е предвиден за утре. Тројцата автори ќе учествуваат и во промотивните активности и средбите со читателите на штандовите на нивните издавачи.

Во чест на празникот Св. Климент Охридски, гостин на штандот на РМ ќе биде Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола, која ќе се претстави со своја пригодна изложба на книги.

Претставувањето на Македонија го финансира Министерството за култура, а во организацијата покрај „Македоника литера“ ќе биде вклучен и Културно-информативнот центар на Република Македонија во Софија.

И на овој саем на книга, како и на претставувањата на другите саемски манифестации за литература, на македонскиот штанд ќе биде промовиран Конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, кој го спроведува Министерството за култура заради поттикнување на творештвото, афирмацијата авторите и промоција на културата на Република Македонија во странство.

На 43. Меѓународен саем на книгата во Софија, кој традиционално се одржува во Националниот дворец на културата (НДК), ќе учествуваат околу 200 излагачи во простор на четири ката, а во меѓукатот посветен за странските излагачи ќе бидат претставени десетина земји.

Организаторот на саемот е Асоцијацијата „Бугарска книга“, која последниве години посебно внимание посветува на меѓународниот дел на саемот, така што трета година истовремено ќе го организира и Софискиот меѓународен литературен фестивал. Оваа годинава во фокусот на фестивалот ќе биде Пиринејскиот Полуостров, со учество на повеќе писатели и издавачи од Шпанија и од Португалија. Овој меѓународен фестивал се смета за најголемиот книжевен настан во Бугарија.

За време на шесте дена на саемот и на фестивалот најавени се околу осумдесет разновидни активности: средби, тематски трибини, разговори со писатели, промоции... на штандовите и на повеќе сценски простори во НДК.