Бизнис
19. јуни 2016 - 21:28

„Македонија вработува“ продолжува: Ќе се вработат 15 до 20 илјади лица за само една година

И кога сме кај борбата против невработеноста, еден од најуспешните проекти е Македонија вработува, кој беше наменет пред се кон поддршка на домашното стопанство и преставуваше значително олеснување и финансиска поткрепа за фирмите, но и шанса за најранливите категории невработени. Преку овој проект кој стартуваше во април 2015та и траеше до 15ти април 2016та година, за точно една година се вработија дури 19 илјади лица, при што 10 138 фирми ги искористија поволностите кои се нудеа. Иако во услови на тешка политичка криза која се повеќе се одразува и врз економијата, ние не се откажуваме и продолжуваме да работиме за граѓаните. Затоа проектот Македонија вработува ќе продолжи да се реализира и веќе следната недела владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи реализација на проектот Македонија вработува 2, кој исто така ќе е на сила една година.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во своето обраќање на прославата по повод 26. роденден на партијата.

Ќе бидат опфатени 5 категории на невработени лица:

Првата категорија, невработени млади до 35 години при што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси и персонален данок во рок од 3 години за лицата кои ќе ги вработи.

Лицето е потребно  пред вработувањето да немало заснован работен однос најмалку три месеци,a работодавачот е должен да го задржи лицето  уште 12 месеци по истекот на периодот за кој што е ослободен од плаќање придонеси.

Втората категорија, долгорочно невработени лица од 35 до 50 години при што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси во рок од 5 години за лицето кое ќе го вработи.

Услов е лицето во последните 15 години да било најмногу 5 години во работен однос и најмалку три месеци пред вработувањето да немало заснован работен однос согласно со мерката. Работодавачот е должен да го задржи лицето  уште најмалку 12 месеци по истекот на периодот за којшто е ослободен од плаќање придонеси или вкупно најмалку 6 години.

Третата категорија се невработени лица над 50 години при што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси 5 години односно 60 месеци.

Услов е најмалку три месеци пред вработувањето лицето да немало заснован работен однос согласно мерката.

Четвртата категорија се невработени лица над 58 години, категорија на лица која многу тешко наоѓа работа на пазарот на труд, за нивното вработување работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси до остварување на правото на старосна пензија на вработениот.

Невработено лице треба да е на возраст над 58 години и кое во последните две години пред вработувањето согласно со мерката немало засновано работен однос.

Петата категорија, невработени лица со социјален ризик(лица со инвалидност, родители на деца со пречки во развојот, самохрани родители,родител во  еднородителски семејства, родители на три и повеќе деца, како и поранешни професионални војници) при што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси во времетраење од 5 години, односно 60 месеци. Потребно е лицата три месеци пред вработување со мерката да немале заснован работен однос.

Груевски потенцираше дека ова ќе биде нов стимул на стопанството, за нови вработувања и сигурна егзистенција на многу семејства.

-Повторно очекуваме само по оваа мерка да се вработат меѓу 15 и 20 илјади невработени за само една година, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.