Спорт плус
2. May 2016 - 19:29

Македонија со 16 каратисти на ЕП во Монпеље

Македонските каратисти ќе учествуваат на Европското првенство што од петти до осми мај ќе се одржи во Монпелје, Франција. 

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески на денешната прес-конференција им посака успех на сите репрезентативци на претстојниот континентален собир.

Нашите каратисти, како што рече, во последните неколку години редовно се враќаат со трофеи од ЕП и затоа и сега очекуваме продолжување на тој тренд, иако конкуренцијата е се посилна.

- Токму ваквите резултати се мотив повеќе Агенцијата за млади и спорт да дава континуирана поддршка на Македонската карате федерација. За овој настап на ЕП во Монпелје од АМС се издвоени 600.000 денари, а за меѓународната програма и за стручната работа на Карате федерацијата, АМС има издвоено вкупно милиони и 630 илјади денари и со неа се опфатени учеството на ЕП за сениори во Монпелје, Светското првенство во Линц, Австрија, како и стручната работа на тренерите и селекторите со репрезентативците, информира Спасески. 

Карате спортот, како што истакна, е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во државата, а за тоа говорат и резултатите.

- По големите успеси на македонското карате, кое во изминатите неколку години и ги донесоа Наташа Илиевска, Иво Цветковски, Жарко Арсовски, Ардита Исени, Огнен Груевски, Берат Јакупи, Мартин Несторовски, Емил Павлов и останатите, верувам дека ваквата позитивна тенденција ќе продолжи и ќе се радуваме на нови успеси, рече Спасески. 

Тој потсети дека голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, спортска пензија. Со тоа, како што рече, им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена.

Во Монпелје ќе настапат 43 држави со над 400 натпреварувачи. Македониија патува со 16 репрезентативци.