Спорт плус
8. February 2016 - 19:36

Македонија се промовира како карате велесила

На Европското првенство во карате за кадети, јуниори и јуниори до 21 година што изминатите пет дена се одржуваше во Лимасол, Македонија освои вкупно шест медали, најмногу во историјата на македонското карате во оваа конкуренција.

- Македонските каратисти кои настапија на ЕП во Лимасол со златни букви се запишаа во историјата на македонскиот спорт, бидејќи станува збор за најголем број освоени медали на евро-шампионат во оваа категорија. Уште еднаш се покажа дека каратето е еден од најуспешните спортови во Македонија.  Тоа е спорт кој има голем потенцијал што бележи се подобри резултати, а тоа се должи и на добрата соработка на Карате федерацијата на Македонија со Агенцијата за млади и спорт, како и на клубовите кои одлично ги подготвуваат каратистите. Верувам дека традицијата на добри резултати што ги бележи овој спорт ќе продолжи и во иднина, изјави Спасески на денешната прес-конференција и додаде дека АМС ќе продолжи со финансиска и логистичка поддршка за македонските каратисти.   

Во Кипар, македонските каратисти се закитија со еден сребрен и пет бронзени медали. Сребро освои Абдурахим Идризи во кати за кадети, мажи, поединечно, додека со бронзени медали се закитија женскиот ката-тим, (Маријана и Мишела Димоски и Киријана Камческа), во дисциплината борби кадетот Столе Смилковски (до 57 кг), јуниорите Петар Спасеновски (над 76 кг) и Азиз Исмаил (до 75 кг) и Моника Пендаровска.

На првенството настапија околу 1.000 каратисти од 48 земји.

Триесет и четирите македонски репрезентативци во Лимасол беа предводени од селекторите Александар Кузмановски (кадети и јуниори), Арлинд Хусеини (јуниори до 21 година) и Златко Димоски (кати), кои настапот и постигнувањата на ЕП ги оценија како еден од најголемите резултати за Македонија на меѓународните натпреварувања.

- На сребрениот успех на светското првенство на женскиот ката тим се надоврза и европската бронза, што го вбројува овој тим во листата на непосакувани противници. За успех на секое натпреварување покрај константното залагање потребни се и добра среќа во жребот, како и фер судење. Тоа се параметри кои овој пат како и многупати пред тоа не ни беа наклонети. Но и тоа не беше пречка за освојување на бронза на македонскиот женски ката тим, но и сребрен медал во машка конкуренција за Абдурахман Идризи кој е прв поединечен медал во кати за Македонија воопшто, рече селекторот на ката тимот Златко Димовски.