Македонија
30. August 2015 - 16:20

Македонија останува транзит зона за мигрантите - 51.000 поминале од јуни

За три месеци повеќе од 50 илјади мигранти минале низ Македонија. Најбројни од нив се сиријците со 80 проценти, потоа следат авганистанците, ирачаните и пакистанците. Најголем број од бегалците се мажи, по нив следат жените, па децата кои патуваат со семејствата а биле регистрирани и малолетници кои патуваат без придружба. Според информациите на министерството за внатрешни работи во периодот од 19 јуни до 30 август потврди за искажана намера за барање азил им биле издадени на 51.300 странски државјани.

Слична ќе биде сликата и во следниот период сметаат од УНХЦР како агенција за бегалци на Обединетите нации, од каде што велат дека бројот на новопристигнати бегалци на македонската граница на дневна основа ќе се искачи на 3000.

Заложбите на Македонија за хуман третман и лесен транспорт кон понатамошните дестинации беше позитивно оценет од Обединетите нации кои сменаат дека државата има капацитет да се справи со овој проблем, но тоа не треба да биде прашање само на Македонија.

Системот на Обединетите нации го поддржува повикот на Владата до Европската унија и до останатата меѓународната заедница итно да се постигне договор за целисходни решенија со кои ќе се олесни страдањето на луѓето во транзит и порамноправно ќе се подели одговорноста за кризата чии корени се далеку од Западниот Балкан.