Бизнис
22. September 2016 - 19:53

Македонија меѓу седум земји чие вино треба да се проба

Заборавете ја Франција, пробајте вина од седум други земји. Кортни Шисл, вински експрет од Бруклин која пишува за повеќе светски познати медиуми како „Еј-би-си њуз онлајн“, „Дејли мејл“, во својот текст за порталот за вино Вајнпер,  ја вбројува Македонија во групата седум земји од кои задолжително треба да се проба вино.

- Република Македонија, која не треба да ја смешате со регионот Македонија во северна Грција, сѐ уште се обидува да го пронајде својот вински идентитет, откако стана независна држава во 1991 година. Земјата почнува да го врти вниманието кон своето вино, делумно поради новите инвестиции во земјата. Оваа земја, која не излегува на море, има многу придобивки од изобилството на сончеви денови, медитерански и континентални влијанија, каменеста почва, со голем број семејства што традиционално прават вино во своите домови - пишува Шисл за нашата земја.

Според неа, најважниот регион во Република Македонија е Повардарјето.

- Се одгледуваат и меѓународни сорти, но земјата го има прифатено вранецот како свој заштитен знак. Тој е моќен и интензивно обоен, со силни танини, но зачинет со отмена нота на црно овошје. Како што Република Македонија го зацврстува својот стил, произведувачите на вино претендираат да ги рафинираат своите вина вранец, создавајќи „поинтернационален“ стил. Потенцијалот на грозјето е огромен. Вреди да се пробаат вината од Македонија - пишува „Вајнпер“.

Македонија на оваа листа се најде во друштво со Англија, Мароко, Либан, Мексико, Бразил и Уругвај.