Македонија
1. January 2018 - 9:22

Македонија ја дочека Новата 2018 година

Македонските граѓани организирани на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови,… или во семејна атмосфера во домовите, ја испратија 2017 и ја пречекаа Новата 2018 година.

Новогодишна прослава во Скопје организираше Општина Центар на плоштадот сквер „Јадран“ на која настапија познати македонски музичари. 

Прославата имаше хуманитарен карактер и средствата ќе бидат наменети за 16-годишно момче кому му е потребна итна операција за пресадување на коскена срцевина во Италија.

Град Скопје ја откажа традиционалната новогодишна прослава што требаше да се одржи на плоштадот „Македонија“ и средствата кои беа планирани за организирање на пречекот, ќе бидат донирани за социјални цели. Сепак вчера точно напладне на плоштадот „Македонија“ традиционално пристигна Дедо Мраз. 

Во пресрет на празниците главниот град е украсен со декоративни елементи и осветлување. Новогодишната елка на плоштадот „Македонија“ беше осветлена на 18-ти овој месец во придружба на хоровите од средните училишта во град Скопје, под диригентска палка на Јасмина Беличанец.

На градскиот плоштад во Охрид, пред бројни гости од целиот Балкан, Новата 2018 година беше пречекана со богата музичка програма проследена со звуците од ансамблот „Билјана“, а  за продолжение на добрата забава меѓу другите се погрижи и Даниел Кајмаковски. 

Новата 2018 година први ја пречекаа жителите на тихоокеанските острови Тонга, Кирибати и Самоа. Последни ја испратија старата година жителите на Американска Самоа.