Бизнис
16. January 2018 - 19:43

Македонија и Бугарија заедно ќе го развиваат алтернативниот туризам

Пограничните региони од Македонија и Бугарија заеднички ќе го развиваат и промовираат алтернативниот туризам.  За таа цел еколошкото друштво Планетум од Струмица и здружението Пирински туристички форум од Благоевград од Бугарија избраа десет пилот мини дестинации на бугарско македонскиот прекуграничен забавен центар. 

Станува збор за таканаречени туристички јазли, пет на македонска и исто толку на бугарска страна кои ќе им се нудат на туристите. Во мрежата од македонска страна влегуваат јазлите Струмица, Ново Село, Дојран, Гевгелија и Радовиш, додека од бугарска тоа се Благоевград, Банско, Гоце Делчев, Петрич и Струма.

Во мрежата се вклучени туристички водичи и аниматори, сопственици на објекти за сместување и исхрана, библиотеки, музејски работници, претставници на невладини организации  поврзани со туризмот и други локални ентузијасти.

-Покрај промоцијата нам многу ни е битно развој на регионот и развој на алтернативните форми на туризам во струмичкиот, односно во Југоисточниот плански регион од Република Македонија, вели Александар Лазаров – ЕД Планетум

Функционирањето на мрежата од туристички "јазли" и создавање на новите атрактивни туристички услуги  ќе бидат продавани  преку специјална  интернет платформа  креирана за таа намена.  Истата ќе биде понудена на тур оператори, но  исто така секој турист врз основа на понудата ќе може и сам да го планира неговиот одмор во регионот.

-Целта ни е наместо два до три дена туристот да се задржи повеќе од пет до седум дена затоа што во сите тие места би можел да посети нешто ново, нешто интересно, вели Лазаров.

Целиот проект кој се реализира преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија  чини околу 107 000 евра.