Македонија
25. July 2017 - 16:12

Македонија и Албанија оваа есен во Подградец ќе одржат заедничка владина седница

Преку заедничка владина седница Македонија и Албанија ќе ја зајакнуваат соработката и добрососедските односи . Двете влади ќе се состанат оваа есен во Поградец. По денешната средба помеѓу министрите за надворешни работи на двете земји во Тирана, Димитров и Бушати истакнаа дека Македонија и Албанија немаат отворени прашања и сакаат уште подобра соработка како единствен сигурен пат кон евроатланските интеграции. Македонија може да смета на поддршка од Албанија за членство во НАТО, истакна шефот на албанската дипломатија.

  - Во минатото имаше некои заблуди во врска со нашите ставови. Македонија е важен сосед за нас и демократската стабилност, меѓуетничката хармонија особено меѓу македонската и албанската заедница е од исклучително значење и за Македонија и за Албанија, но исто така и за стабилноста на целиот регион и неговата европерспектива, рече Бушати.

Одговарајќи на прашање на албанските медиуми, шефот на македонската дипломатија рече дека Владата забрзано работи на усвојување на законот за службена употреба на албанскиот јазик, како заложба за решавање на едно прашање кое е важно за стабилноста на целата држава.

Оваа влада е има заложба да стори се што е во корист на нашите сограѓани Албанци, но и на оние кои се припадници на другите етнички заедници во согласност со уставот на Р. Македонија. Овој процес не само што не се успорува туку работиме да го забрзаме. Имплементацијата на Рамковниот договор и овој закон се во интерес на Р. Македонија, бидејќи наша визија за Македонија е колку повеќе сите ја чувствуваат државата како своја толку сме постабилни. Затоа на овие прашање гледаме како на прашања кои не се во интерес само на нашите сограѓани Албанци туку како на прашања кои се во интерес на целата држава“ изјави Никола Димитров 

Покрај со Бушати, официјалната посета на Тирана, Димитров ќе ја искористи и за средби со албанскиот премиер Еди Рама и со претседателот Илир Мета.