Македонија
23. October 2016 - 16:51

Македонија го одбележува денот на Македонската револуционерна борба

23 октомври ден на создавањето на македонската револуционерна организација во Солун се слави како почеток на организираното  револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република и  НОВ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Македонија секоја година оддава голема почит кон основоположниците на оваа организација која ги удри темелите на создавањето независна и слободна држава која ја имаме денес. Делегации од државниот врв, АРМ, градот Скопје, се поклонија со свежо цвеќе пред споменикот на Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.

Честитки по повод 123 години од создавањето на ВМРО упатија државниот врв, градоначалници и политички партии и нивни лидери.  Претседателот Иванов потсетувајќи се на суштината на овој светол празник и покрај како што вели најдлабоките политички и идеолошки разлики, повикува да се гради култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси

„Денес РМ е поделена повеќе од кога и да било порано во изминатиот четврт век. Внатрешните поделби се одразуваат на државните интереси и европската иднина на Македонија. Во името на нашите херои од минатото но и нашите деца ве повикувам да смогнеме сили, да се помириме и да се сплотиме“ , порача во честитката шефот на државата. На сплотеност каква што имале членовите на организацијата за исконската желба за слобода на македонскиот народ и држава, повика и претседателот на  Собранието.

„Нашиот заеднички цврст став е клучот за надминувањето на сите обиди за згаснување на македонскиот национален идентитет. Сите заедно сплотени да работиме и да изградиме силна држава со развиен демократски и економски просперитет за сите граѓани во Република Македонија порача Вељановски.

Државните награди 23 октомври беа доделени на уметникот проф д-р Драган Даутовски, актерот Ванчо Петрушевски, ликовниот уметник Реџаи Исени, во областа на науката и образованието на историчарот и филозоф Стефан Влахов и на албанологот Агим Пољоска.

Градскиот дувачки оркестар, пак, одржа Парадно дефиле со познатите „Чекорници“ низ улиците на Скопје, од Музејот на Град Скопје, преку улицата „Македонија“, до градскиот плоштад.