Македонија
18. July 2017 - 16:15

Македонија една од темите на разговор во Белата куќа: Вучиќ не го менува ставот за уставното име

Србија го признава уставното име на Република Македонија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со потпретседателот на САД Мајкл Пенс во Вашингтон.

Вучиќ, кој претходно го поддржа шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, кој по средбата со грчкиот колега Коѕијас изјави дека Србија направила грешка што го признала уставно име на Македонија, останува на признавањето и покрај некои македонски одлуки што не и се допаѓаат на Србија.

,,Србија тоа го призна, иако Македонија ја призна независноста на Косово, што сигурен сум беше спротивно на волјата на нејзиното население‘‘, изјави Вучиќ.

Пенс и Вучиќ разговарале за отворените прашања на Балканот, вклучително и за спорот со името на Македонија, статусот на Косово и ситуацијата во Босна и Херцеговина, при што се согласиле дека сите спорови треба да се решаваат преку дијалог. 

Американскиот потпретседател, пак изразил загриженост за руското влијание во регионот.

Инаку, многу повеќе внимание на безбедноста на Балканот се очекува да се посвети при доаѓањето на Мајкл Пенс во Подгорица на 2. август на состанокот на лидерите од земјите членки на Јадранската повелба, на кој кодомаќин е Македонија, а ќе ја претставува премиерот Зоран Заев.

Освен Македонија, како еден од основачите на Јадранската повелбата, во неа членуваат Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Србија, Косово и Словенија имаат статус на набљудувачи.

Јадранската повелба беше формирана во 2003. година со цел земјите членки поуспешено да ги спроведат реформите и да станат членки на НАТО.