Македонија
18. December 2017 - 12:01

Македонија е само транзитна земја за бегалците

Македонија продолжува да биде транзитна земја каде во периодот од 2015 до 2017 година само 35 лица аплицирале за азил и биле одбиени, додека просечното време на престој во Центарот за баратели на азил бил три и пол дена, покажува истражувањето „Позицијата на бегалците и мигрантите во Македонија“, спроведено во рамки на проектот „Создаваме заедно: Мониторинг и застапување за заедницата“, имплементиран од Фондацијата „Кондрад Аденауер“, Здружение на правници на Република Македонија и НВО Атина - Србија.

Според истражувањето, во Република Македонија само пет лица добиле меѓународна заштита како бегалци, а 11 добиле супсидијарна заштита, односно поради кршење на нивните основни човекови права.

Според Иван Јованов, национален коменаџер на проектот, потребна е зголемување на капацитетите на локалните власти за овозможување на подобар процес на интеграција.

- Направивме фокус групи и интервјуа со мигранти и со понудувачи на услуги кои ни покажаа дека мигрантите генерално се задоволни од примарните услови во транзитните центри во Гевгелија и Куманово како што се пристап до храна, вода, облека и примарна здравствена заштита, изјави Јованов.

Посочи дека според истражувањето најмногу примарни услуги на бегалците се даваат од институциите, додека секундарните услуги како образовни програми, бесправна правна помош и јазични часови се во најголем дел понудувани од здруженија на граѓани.

Истражувањето идентификува неколку области во кои е потребно работа и препорачува дека е неопходна рана интеграција на барателите на азил, градење капацитети на локалните власти, вклучување на невладиниот сектор во носењето политики, како и заштита на ранливите групи.