Фудбал
11. November 2015 - 19:44

Македонија – Црна Гора (четврток 18 часот)

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија Игор Ангеловски најави борбена, пожртвувана и офанзивна игра на утрешниот дуел со Црна Гора.

- Играме против една квалитетна репрезентација која во Скопје доаѓа во најсилниот состав. Ги почитуваме, но ќе бидеме фокусирани на нашата игра која ќе биде офанзивна и со цел да постигнеме гол повеќе од противникот. Сакам кај моите играчи да наметнат еден нов стил на игра кој ќе биде многу поофанзивен и похрабар. Верувам дека оваа репрезентација на Македонија е составена од квалитетни играчи кои треба да се ослободат од притисокот од минатите квалификации и да го покажат своето вистинско лице. Секој позитивен резултат кој ќе биде остварен, без разлика дали станува збор за пријателски ќе биде од големо значење за подигнување на самодовербата кај играчите. Само со верба во себе и пожртвуваност можеме да се радуваме на победи, рече Ангеловски на денешната прес-конференција.

И членот на полска Легија, Иван Тричковски смета дека офанзивниот стил на игра треба да донесе и позитивни резултати во националниот состав.

- Ме радуваа фактот што ќе играме офанзивен фудбал. Напаѓачкиот стил на игра треба да ни донесе позитивни резултати. Најголемиот товар ќе биде на нас напаѓачите, бидејќи се очекува да постигнеме повеќе голови со кои ке дојдат и победите, вели Тричковски.

Средбата ќе се игра на Националната арена „Филип Втори“ утревечер од 18 часот.