Бизнис
6. August 2016 - 16:17

Македонија бележи рекорди во авиосообраќајот - 808.888 патници за шест месеци

Патниците навалија на македонските аеродроми. Од “Александар Велики” и “Св. Апостол Павле”, за првите шест месеци годинава биле регистрирани рекордни 808 888 превезувања. Оваа бројка е за 27 проценти поголема од истиот период лани кога имало 637 683 патници. Според податоците од Министерството за транспорт и врски, расте гужвата на скопскиот аеродром каде во периодот од јануари до јуни 2016 регистрирале 759. 244 патници, што е за 140 илјади повеќе од истиот период лани кога имале 610.511 патници. Рекордни бројки бележи и охридскиот аеродром. Годинава имале 49.644 патници што е дури за 82 проценти повеќе од истиот период лани кога биле превезени 27.172 патници. Позитивниот тренд на континуирано зголемување на бројот на патниците на македонските аеродроми и постојаниот тренд на нови рекорди од година во година,  според Владата се должи на целокупниот сет  на проекти и мерки кои институциите ги преземаат изминатиот период.

Статистиката покажува дека зголемувањето на бројот на превезени патници на македонските аеродроми изминатите години е огромен. Во првите 6 месеци во 2009 година, пред да бидат изградени новите аеродроми имало  270 249 патници. во 2011 тој број е зголемен на 337.888, за во 2012 да биде над 400 илјади. Во 2015 има драстично зголемување и на двата аеродроми во првите шест месеци биле превезени 637 683 патници.   

Од Владата истакнуваат дека дополнителна важност за туризмот е и фактот што само во месец јуни вкупниот број на патници е зголемен за 22% за разлика од јуни во 2015 година.  Паралелно има зголемување и на бројот на прелетите. На Александар Велики и на Св. Апостол павле во првите шест месеци годинава имало 7 758 прелети за разлика од 6739 кои биле во 2015. Годинава најзастапени дестинации според бројот на патници се: Истанбул 12,8%, Цирих 10,4%, Виена 5,7%, Малме 5,1%, Базел 5,1% и Лондон 4,6%.