Македонија
15. May 2017 - 16:55

Македонците неславни лидери во труење со солна киселина

Три жени и еден маж се последните случаи на Токсикологија кои сакале да се самоубијат  со пиење на солна киселина и варикина. Навреме им била дадена здравствена помош и според лекарите сите се надвор од животна опасност. Брачни и семејни расправии биле главните причини да посегнат по својот живот. Решението го нашле во корозивните средства кои се и ефтини и достапни.

- Тие се веќе под контрола, дадена им е соодвретна терапија, не се во животна опасност и мислам дека ќе бидат добро, вели Андон Чибишев, токсиколог

Киселината прави изгореници во организмот, може да дојде до стеснување на хранопроводот или други делови од органите за варење и пациентот нема како да јаде. Токсиколозите велат дека е успех за земјата што ја намалиле смртноста кај ваквите труења, но ги загрижуваат статистичките податоци според кои Македонија е неславен рекордер во Европа по труења со корозивни средства.

- Нашите пациенти најмногу сакаат солна киселина, варикина и оние средствата за чистење во домаќинствата, односно, оние кои им се достапни и ги има во малопродажба, вели Чибишев

Според податоците на Токсикологија, годишно имаат од 100 до 150 пациенти со труења од корозивни средства. За споредба, во скандинавските земји оваа бројка ја регистрираат за период од 20 години. Дури 95 проценти од оние кои испиле солна киселина е поради обид за самоубиство.

- И мала количина од овие средства може да предизвика сериозни компликации по здравјето. Колку се опасни и штетни е наведено и на самата декларација на производите каде покрај хемискиот состав, пишува дека мора да се чуваат под клуч и далеку од деца.