Свет
24. January 2016 - 12:35

Мајкл Блумберг размислува да се вклучи во претседателската трка на САД

Поранешниот градоначалник на Њујорк и милијардер Мајкл Блумберг (73) размислува да се вклучи во изборната трка за претседател на САД, како политички независен кандидат, пишуваат американските медиуми.

Неименуван советник на Блумберг, изјавил за „Њујорк Тајмс“ дека тој побарал од своите соработници и советници да ги испитаат сите можности за неговото вклучување во изборниот процес.

Во минатата година, тој има организирано испитување за да се види какви би биле неговите шанси против републиканецот Доналд Трамп и кандидатот на демократите Хилари Клинтон.

Доколку се одлучи да учествува во изборниот процес, се предвидува Блумберг да потроши една милијарда долари свои пари.

Засега нема никаква изјава од милијардерот, но членови од неговото бизнис опкружување изјавиле за други американски медиуми дека сака добро да размисли, пред да ја објави својата одлука, особено доколку Хилари Клинтон биде загрозена од својот главен противкандидат за номинација на Демократската партија, Берни Сендерс, чиј рејтинг забрзано се зајакнува.

Одлуката на Блумберг би требало да се појави до почетокот на март, до кога тој се уште би можел да се вклучи во предизборната кампања во сите 50 сојузни американски држави.

Американските аналитичари проценуваат дека евентуалното влегување на Блумберг, во избрната трка би им помогнало на демократите, затоа што некогашниот њујоршки градоначалник, кој на таа функција беше избран како републиканец, се залага за контрола на оружјето, за здравствена заштита и за регулирање на климатските промени, што е анатемисано од републиканските гласачи.

Таквата „поддршка“ од Блумберг, се смета, дека би можела уште повеќе да ги засили позициите на Трамп, кој во тој случај би можел да победи со тесно мнозинство.