Свет
21. August 2017 - 22:01

Мадуро ја откажа турнејата во САД на познатиот венецуелски диригент Дудамел

Кабинетот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро објавил дека се откажува турнејата во САД на Државниот младински симфонски оркестар и на нивниот прославен, млад диригент Густаво Дудамел, јавија медиумите во Каракас.

Откажувањето на турнејата на оркестарот што стана познат на меѓународната сцена, поради нивниот 36 годишен диригент, кој важи за еден од најдобрите млади диригенти, доаѓа само три денови откако Мадуро, јавно го нападна Дудамел, бидејќи се вмешал во политиката, напаѓајќи ја власта. 

Младиот диригент долго време не реагираше на случувањата во неговата земја, но во мај, по долгите и крвави судирања на анти-владините демонстранти со полицијата, Дудамел ја критикуваше власта на Мадуро што нема разбирање за барањата на демонстрантите.

Минатиот месец, во авторски написи објавени во „Њујорк Тајмс“ и шпанскиот „Ел Паис“ диригентит остро го критикуваше решението за создавање „уставотворно собрание“ контра легалниот Парламент.

Веднаш потоа, Мадуро го нападнал Дудамел, порачувајќи му дека „Господ можеби ќе му прости за тоа што прави будала од себе“ вклучувајќи се во политиката, на страната на критичарите на претседателот.

Веста за откажувањето на трнејата низ САД, ја потврди самиот диригент, на својата страница на Твитер.

Иако млад, Дудамел е веќе познато диригентско име во музикиот свет. Тој е музички директор на венецулската симфонија и на Филхармонијата во Лос Анџелес.

Неговиот рејтинг уште повеќе се зголеми откако диригираше со Виенската филхармонија, на овогодишниот новогодишен концерт, како најмладиот диригент што досега ја имал таа чест.

Густаво Дудамел повремено живее во Мадрид и во Лос Анџелес, но поради тоа,  тој е остро прекорен од претседателот Мадуро, затоа што  не живее како него во Венецуела.