Македонија
21. July 2017 - 8:37

Маасикас: Вонреден извештај за Македонија зависи од проценките на ЕК, но клучот е во Скопје

Можноста за вонреден извештај за Македонија и чиста препорака за преговори зависи од проценките на ЕК. Клучот за тоа е во Скопје, во спроведувањето на реформите и во извршувањето на работите кои се наведени при претходните условени препорака, вели Мати Маасикас, заменик министер за надворешни работи на Естонија, задолжен за европски прашања во интервју за МИА.

- Тоа зависи од Европската Комисија, која треба да излезе со предлог, да ја процени ситуацијата и да види дали околностите се смениле за да може да даде чиста препорака. Клучот за тоа е во Скопје, во спроведувањето на реформите и во извршувањето на работите кои се наведени при претходните условени препорака, вели Маасикас во врска со најавата од еврокомесарот Хан за можноста за вонреден извештај за Македонија и безусловна препорака за преговори. 

Тој додава дека доколку Европската Комисија реши порано да излезе со препораки или предлози за одредени земји - кандидатки, естонското претседателство ќе дејствува брзо на консолидирање на ставовите на земјите - членки.

- Оваа есен нема да го имаме пакетот за проширување од Комисијата, тоа ќе се одржи дури следната пролет, и тогаш ќе има дискусија на земјите членки на ЕУ. Обично, овој пакет извештаи е во август, но овојпат Комисијата ќе го достави дури на пролет. Веројатно нема да има голема дискусија за проширувањето за време на нашето претседавање. Сепак, доколку Европската Комисија реши да даде препораки или предлози за одредени земји - кандидатки, естонското претседателство ќе дејствува бргу со цел да ги консолидира ставовите на земјите членки. Имаме обновен оптимизам во врска со Македонија, што беше изразено од комесарот Хан, како и од мене. Можевме тоа да го видиме на средбите со министерот за надворешни работи Димитров, со вицепремиерот Османи и со Комисијата за европски прашања на Собранието. Многу е важно сега да работиме со цел да ја отстраниме условеноста на препораката, а реформскиот план на Владата, планот 3-6-9, е добра основа за тоа. Сега, да почнеме со работа, истакнува Маасикас.

Запрашан кои лекции што Естонија ги научи на патот кон ЕУ се релевантни за Македонија во евроинтеграциите со оглед дека се работи за две мали земји, естонскиот дипломат посочува на две работи.

- Прво, е да има длабоко разбирање дека реформите поврзани со ЕУ се спроведуваат во интерес на сопствената земја. Тие реформи не се спроведуваат и земјата не се реформира само со цел да се штиклираат некои точки во Брисел. Ги спроведувате за земјата да ви стане подобро место. Ние цврсто веруваме дека ако ги следите европските стандарди и европските закони, тогаш земјата станува подобро место за нејзините граѓани. Втората лекција која ја научивме, а која важи во сите земји од средна и источна Европа, е дека успешните ЕУ-интеграции зависат од силен домашен политички консензус. Сите партии во Естонија работеа со цел да обезбедиме членство во ЕУ и тоа многу и помогна на Владата. Реформите поврзани со ЕУ не беа лесни. Некои од нив се навистина скапи, на пример постигнувањето на стандардите во областа на екологијата, тоа чини страшно многу пари. Притоа, ни помогна што го имавме потребниот политички консензус, нагласува Маасикас.

За можноста за поддршка на Естонија како претседавач со Советот на ЕУ во однос на надминување на билатералниот спор за името, кој ја блокира Македонија на патот кон ЕУ,  естонскиот дипломат дециден дека е потребно земјата да биде конструктивно вклучена во процесот за негово надминување, кој се води под покровителство на ОН.

- Добрососедските односи се многу важни. На крајот на краиштата, ЕУ е клуб со истакнати членови. Членови кои добро се согласуваат меѓу себе. Оттаму, многу е важно постигнувањето на добри односи со соседите. Во врска со решавањето на спорот за името, тоа не е процес кој го води Европската Унија. Постои рамката на Обединетите нации и двете страни треба да ја следат и да работат врз неа, оценува Маасикас.

Мати Маасикас престојуваше во дводневна посета на Македонија во рамки на турнејата по земјите - кандидати за членство во ЕУ како дел од активностите на официјален Талин во својство на актуелен претседавач со Советот на ЕУ. Естонскиот заменик министер за надворешни работи задолжен за европски прашања,  покрај Скопје, претходно ги посети и Сараево и Тирана.