Македонија
20. July 2017 - 12:08

Маасикас: Гледам силна решеност за реформи и напредок кон ЕУ

Естонија е подготвена брзо да ги консолидира ставовите на земјите членки на Европската унија доколку Европската комисија даде препорака за почеток на преговори со Македонија или со која било друга земја за време на нашето претседавање со Унијата, порача заменик министерот за надворешни работи на Естонија Мати Маасикас по денешната средба со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во Скопје.

- Поликата на проширување на ЕУ се заснова на консензус на земјите членки кој ги следи препораките на Европската комисија. Затоа не сум во позиција да шпекулирам за можните предлози или препораки на Комисијата, но можам да кажам дека доколку за Македонија или за која било друга земја биде дадена препорака од ЕК за почеток на преговори за време на Естонското претседавање со ЕУ, ние ќе бидеме подготвени брзо да се движиме да ги консолидираме ставовите на земјите членки на Унијата, рече Маасикас, одговарајќи на новинарско прашање. 

Тој нагласи дека ЕУ уште еднаш ја повтори својата поддршка да остане отворена во Римската декларација од март годинава, како и со заклучоците на Европскиот совет што беа усвоени во март.

- Проширувањето е долгорочна и долготрајна политика на ЕУ и е процес според заслуги. Тоа зависи од земјите кандидатки, поточно нивната решителност да се реформираат не само за целите на ЕУ, туку и за самите нив за да бидат подобро место за живеење. Како Естонија сме подготвени да ги споделиме се уште свежите искуства од интеграцијата во ЕУ и во таа смисла ние сме тука заедно со нашите партнери во Претседателството на ЕУ, Австрија и Бугарија каде што сите заеднички се обидуваме да ја спроведуваме политиката на проширување на ЕУ и понатаму, рече Маасикас.

Најави дека во текот на денов ќе разговара подетално за конкретните реформи што сега ги има преземно македонската Влада.

- Од разговорите што ги имав вчера и денеска можам да кажам дека навистина сум под силни импресии и впечатоци за тоа колку Владата е решена и решителна да го поттурне овој моментум напред во процесот на реформи на Македонија. Исто така, морам да кажам дека сум многу под силни импресии од јасното разбирање дека во Централна и Источна Европа сите успешни процеси на интеграција во ЕУ се изградени на еден силен внатрешен или домашен консензус. Ова мислам дека е правило или основа кој треба да биде принцип за се понатаму, посочи Маасикас.

Вицепремиерот Османи рече дека Естонија е земја промотор на процесот на проширување на ЕУ и поддржувач на аспирациите за членство во Унијата поради што Македонија гледа оптимистички на претседавањето на Естонија со Советот на ЕУ.

- Има многу нешта што Естонија и Македонија ги прават слични преку историја, внатрешни прашања, па се до евроинтегративниот пат со што се зголемува потенцијалот за нашата соработка. Македонија ќе ги заврши своите задачи по однос на интегративниот пат и во делот на реализација на реформскиот план којшто го нарековме „3-6-9“, меѓутоа и со затворање, односно адресирање на отворените прашања коишто ни престојуваат на патот. Нашата држава реши периодот на Естоонското претсседавање со ЕУ да го посвети на реформите и отстранување на сите пречки коишто го отежнуваат приближувањето, потенцира Османи.

Нашата цел, додаде,  е додека трае претседавањето на Естонија да ги добиеме првите конкретни чекори од страна на Унијата кои ќе бидат во насока на визибилноста на европската перспектива на Република Македонија.

- Тука секако мислам на отстранување на условеноста на нашата препорака како важен сигнал за враќање на земјата на европскиот пат, но очекувам и забрзување на целиот процес којшто на крај би резултирал со отпочнување на преговори со Унијата. На Република Естонија, земја која што неодамна го изоди овој пат на реформи и преговори, ние гледаме како на земја сојузник од која покрај поддршката очекуваме да научиме и за искуствата во пресрет на адресирање и имплементирање на реформите, како и да учиме од нив во делот на процесот на преговарање, прецизира Османи.

Прашан како е можен компромисот на отворените прашања како договорот со Бугарија и законот за употребата на јазиците во Македонија за да се напредува кон Европската унија, вицепремиерот Османи рече дека планот има две траектории од кои првата е реформи, а втората е адресирање на  отворените прашања кои се пречка на патот.

- Првата е внатрешни реформи за да правиме европска  држава за нашите граѓани, но и за да ги пресретнеме очекувањата на нашите европски партнери, а тоа е планот „3-6-9“. Втората траекторија е адресирање на  отворените прашања кои ни се пречка на патот. Тука се добрососедските односи и меѓуетничките односи, рече Османи.

Нагласи дека во делот на меѓуетничките односи единствено отворено прашање од потпишувањето на Рамковниот договор е законот за употреба на јазикот за кој има договор помеѓу коалициските партнери.

- Веруваме дека во првите 100 дена од Владата законот ќе се донесе законот за употреба на јазикот, додека во делот на добрососедските односи отвореното прашање со Бугарија верувам дека ќе се затвори на 2 август со потпишување на договорот.Потоа ќе следи адресирање на прашањето на името како посензитивно и покомплицирано. За тоа прашање мора да се најде заедничко прифатливо решение за двете држави, а мерките за доверба се ознова за наоѓање на решение, рече Османи.

Посочи дека градењето на мостови на комуникација со Грција е особено важно, а посетата на министерот за надворешни работи Никола Димитров на Атина, како прва официјална посета на било кој официјален претставник на новата Влада ја оцени како добра порака.

- Ние во Секретаријатот веќе првиме  напори да воспоставиме комуникација и посета на високо ниво. Мора да изградиме платформа со која ќе се создадат услови за решавање на тоа прашање, потенцира Османи.