Ракомет
23. October 2016 - 10:06

ЛШ: Вардар запрен во Загреб

Ракометарите на македонскиот шампион Вардар го претрпеа првиот пораз оваа сезона откако синоќа на гостувањето загубија од Загреб со 28:27 во натпревар од 5.коло од Лигата на шампионите. „Вардарци“ испуштија да останат непоразени откако во последната минута во два наврати не успеаја да реализираат напад. 
Вардар на полувремето водеше со 17:12, но не успеа да ја задржи предноста во вториот дел особено што домашната екипа постепено успеваше да ја намалаи предноста. Одличен во второто полувреме беше голманот на Загреб Иван Стевановиќ, кој натпреварот го заврши со 15 одбрани, а поранешниот играч на Вардар Добривоје Марковиќ беше најефикасен со 6 голови без промашување.
Кај Вардар најпрецизен беше Алекс Душебаев со 5 голови, но не ги реализираше последните два удара во последните минути. На овој дуел „потфрлија“ голманите на Вардар кои заедно имаа 6 одбрани (Страхиња Милиќ 4, Арпад Штербик 2). 
Екипата на Варадр попладнево ќе одигра и натпревар од СЕХА лигата со тимот на Нексе.
Вториот македонски тим во Лигата на шампионите Металург денеска го игра дуелот од 5.коло на гости кај поранешниот европски шампион Монпеље. Почетокот на овој дуел е во 18:45 часот.