Бизнис
16. January 2017 - 20:58

Лозовите и овошните насади измрзнаа од поларните температури

Студеното време и ниските температури кои веќе подолг период се под нулата негативно ќе се одразат врз земјоделското производство.  Експертите велат,   негативни последици ќе има кај лозовите и овошните насади, но и во градинарството, пред се кај пластеничкото производство. Најпогодени  од  поларниот студ ќе бидат културите кои  веќе подолг период  се засадени на постојано место.

,, Сметаме дека ќе имаме значителни штети. Со расадувањето на некои од културите кои ги одгледуваме во заштитен простор се подрани. Земјоделските производители беа навреме известени за некои ситуации и за неповолностите од временската состојба, меѓутоа малку подранија со расадувањето на постојано место, нешто што значително ќе се одрази негативно врз земјоделското производство, значи како во текот на производството, но и во самото одгледување понатаму.,, вели Стојан Глигоров  од АПРЗ Струмица

Првичните проценки велат дека најпогодена од студеното време во струмичкиот регион  ќе биде пролетната зелка од која помеѓу 30 до 40%  од планираните околу 1400 хектари веќе е  засадена на нивите.

,,  Таму каде што се расадени на постојано место се приметува на теренот дека тие растенија неможат да функционираат на такви ниски температури. Таму каде што се под контролирани услови и таму каде што расадот не е расаден на постојано место состојбата е друга што значи растенијата се одржуваат во леите за расадопроизводство во една позитивна страна.,, вели Глигоров

Од агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Струмица велат дека негативните последици од ниските температури се евидентни, но за конкретни штети од мрзнење на културите засега неможе да се говори бидејќи реалната слика ќе се добие откако временските услови ќе се стабилизираат. За разлика од градинарството и лозаро овоштарството, проблеми не се очекуваат кај полјоделските култури, а  снежната покривка посебно е добредојдена за житните насади.