Бизнис
21. August 2017 - 14:50

Лозарите бараат 13 денари за „смедеревка“ и 15 денари за „вранец“

Откупната цена за килограм грозје од сортата „смедеревка“ да биде 13 денари, а за „вранец“ 15 денари. Со зголемувањето на шеќерните единици, да расте и откупната цена, бараат лозарите.

Тие на денешната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски побараа и намалување на надоместокот за водарина, како и засилени инспекциски контроли на откупните пунктови. 

- Сите барања на лозарите ќе бидат внимателно и детално разгледани со цел да се најде соодветно решение. Ќе се направат анализи на извозот, но и на барањето за намалување на надоместокот за водарина, рече министерот на средбата.

Николовски, како што соопшти неговиот кабинет, потсети и дека лозарите годинава ќе добијат зголемена субвенција од 10 отсто по хектар, согласно владината одлука и Програмата за финансиска поддршка. 

- Во моментов интензивно работиме на забрзување на процесот за исплата на обесштетувањата од временските непогоди за 2016 и 2017 година. Уште сега, со измени на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017 година, ги зголемивме субвенциите за одржување лозови насади за 10 отсто по хектар, што е дел од нашите ветувања и мерки во Програмата за зголемување на субвенциите за лозови насади за 20 отсто во следните четири години. Формиравме и работна група која го изготвува законското решение за т.н зелена евтина нафта, со што драстично ќе се намалат производствените трошоци, напомена Николовски. 

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Јане Станкоски посочи дека ќе се зајакнат контролите на откупните пунктови на грозје, за да нема манипулации со откупните цени.

Според МЗШВ, досегашните анализи покажуваат дека годинава произведеното грозје се очекува да биде со добар квалитет. Но, поради лошите временски услови родот ќе биде намален за околу 30 отсто. Особено помали количини грозје се очекуваат во Неготино и Демир Капија каде ниските зимски температури и пролетните мразеви беа поизразени.

- Имајќи го ова предвид, како и фактот дека производството се одвива на непроменливи површини, реално е да се очекува дека вкупното производство на грозје (трпезно и винско) во Република Македонија ќе се движи околу 180.000 тони. Оттука, треба да се очекува и намалено производството на вино од реколтата 2017 година, односно постигнување на ниво меѓу 70 и 90 милиони литри, стои во соопштението од Министерството за земјоделство. 

Минатата недела министерот Николовски ја одржа и првата средба со винарите. Тие укажаа дека имаат залихи, но дека проблеми со откупот нема да има зашто родот е помал од лани и ќе може да биде преземен во целост. Во однос на цените, нагласија дека се пазарна категорија и дека веројатно ќе биде достигнато, но не и надминато минатогодишното ниво со оглед дека квалитетот на грозјето е послаб.