Свет
15. February 2018 - 12:08

Лондон ја обвини Русија за кибер напад, Москва категорично демантира

Велика Британија денеска ја обвини Русија за ланскиот кибер напад, чија цел беа повеќе компании во Европа.

Нападот со „НеПетја“ (NotPetya) почна во јуни во Украина, каде беа парализирани компјутери на државни фирми, по што тој се прошири и на други места во светот, доведувајќи до запирање на работата на пристаништа, фабрики и канцеларии.

Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека нападот дошол од руската армија.

- Одлуката отворено да се каже кој е одговорен за тој случај значи дека Велика Британија и нејзините сојузници нема да трпат злонамерни кибер-напади, се наведува во соопштение од британското Министерство.

Форин офис

Во соопштението се потсетува дека главна цел на нападот беше украинскиот финансиски, енергетски и државен сектор.

- Недискриминирачкиот дизајн на „НеПетја“ доведе до понатамошно ширење, нанесувајќи штета на европски и руски бизниси, се наведува натамну во соопштението.

Русија и претходно негираше дека стои зад нападот, што предизвика загуби од стотици милиони долари. Но, по денешното обвинување од Лондон, официјална Москва реагираше остро.

Дмитриј Песков

- Русија категорично ги демантира британските тврдења дека е одговорна за минатогодишниот кибер напад „НеПетја“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според него, обвинувањата се неосновани и се дел од „русофобната“ кампања, спроведувана во некои западни земји.