Свет
23. March 2017 - 21:11

Лондон: Идентификуваниот напаѓач и претходно бил осудуван

Британската полиција го идентификуваше денеска мажот кој вчера со автомобил удри во пешаци и уби три лица пред Парламентот во Лондон.

Напаѓачот е Халид Масуд (52), кој повеќепати е осудуван за извршување на кривични дела, но ниту еднаш за некое дело поврзано со тероризам. 

Масуд бил познат по „бројните пресуди“ и живеел во Западен Мидленд, англиски округ, каде полицијата спроведе рација во текот на ноќта. 

Тој е роден во Кент, а само краток период живее во централниот дел на Англија, додаде британската полиција. 

- Масуд не беше предмет на каква било  актуелна истрага и не постоеа претходни разузнавачки податоци за неговата намера да изврши терористички напад, стои во соопштението. 

Тој претходно бил осудуван за нанесување тешки телесни повреди, поседување на оружје и загрозување на јавниот ред. 

Првпат е осуден во ноември 1983, а последен пат во 2003 година. 

Пет лица загинаа, а 40 се повредени во вчерашниот напад во Лондон на мостот Вестминистер во реонот на парламентот. Меѓу нив има еден полицаец, тројца цивили и напаѓачот, кој беше ликвидиран во близина на парламентот. 

Претходно, Британската премиерка Тереза Меј  изјави дека полицијата го знае идентитетот на напаѓачот, кој вчера со автомобил удри во пешаци и уби три лица пред Парламентот во Лондон.

Таа истакна дека напаѓачот е роден во Велика Британија, но неговиот идентитет не се открива се додека не заврши истрагата на Скотланд Јард.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава.