Македонија
19. September 2017 - 12:53

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2017: Професионално, непристрасно и избалансирано

- Македонската новинска агенција - МИА во текот на изборната кампања за Локалните избори 2017 ќе работи врз основа на програмските начела - професионално, непристрасно, избалансирано и во согласност со Новинарскиот кодекс.

МИА за изборните активности на учесниците во изборите ќе известува на македонски и на албански јазик.

Македонската информативна агенција, во рамки на своите можности и во согласност со професионалните новинарски стандарди и уредувачка политика, ќе известува со текст и фотографии за активностите на политичките партии, коалиции и независни листи што ќе учествуваат во изборната кампања врз основа на кандидатските листи што ги утврди Државната изборна комисија.

МИА континуирано ќе ја следи и ќе известува за работата на ДИК.

МИА ќе ги објави сите изборни листи - партиски, коалициски, независни, како и одлуките на Управниот суд поврзани со изборните активности.

МИА ќе ги претстави програмите на партиите, коалициите или независните листи. Поопширно со текст и со фотографии ќе информира за почетните и завршните митинзи на учесниците на изборите. Другите активности на учесниците на изборите МИА ќе ги следи во согласност со професионалните агенциски стандарди.

МИА при информирањето за изборните активности ќе води сметка дали државните претставници настапуваат во име на институциите што ги претставуваат или во име на својата партија. Ако во кампањата понекогаш надвладеат политичките страсти и има неодмерени изјави, известувањето на МИА ќе биде професионално и на ниво на прифатливост.

МИА ќе објавува изборни прогнози и анкети за јавното мислење во кои е јасно набележано кој ги нарачал, кој ги спровел, колкав е примерокот, дали е телефонско или теренско анкетирање и колкава е можната грешка на примерокот. Анкети без методолошки ознаки и без репрезентативен примерок нема да бидат земени предвид. Согласно  со законските прописи, анкети ќе бидат објавувани најдоцна пет дена пред денот на гласањето.

МИА на денот на изборите ќе ги објавува изјавите на државните претставници, на партиските лидери и на кандидатите за градоначалници, со ознака за медиумите - ЕМБАРГО ЗА ОБЈАВУВАЊЕ ДО 19 ЧАСОТ.

Најважните вести за изборните активности и изборните резултати ќе бидат пренесувани и во англискиот сервис на МИА