Кошарка
18. January 2017 - 17:13

„Лимак Холдинг“ ја доби организацијата на кошаркарскиот Куп на Македонија

 
 
Светски реномираната компанија со седиште во Турција, Лимак Холдинг ја доби организацијата на годинешниот Кошаркарски Куп на Македонија. За организација на финалниот турнир од Купот на Македонија во машка и женска конкуренција на денешната лицитација во просториите на МКФ, Лимак Холдинг  како единствен учесник ги откупи правата за организација купот кој годинава ќе го носи името „Лимак Куп на Македонија 2017“.
 
На лицитацијата во куќата на кошарката претседателот на МКФ, Петар Наумоски официјално на генералниот директор Лимак Скопје, Мурат Јурдал му се заблагодари за тоа што оваа светски реномирана компанија прифатила да биде организатор на Купот на Македонија. На лицитацијата присуствуваше и комесарот за натпреварување во МКФ Владо Цветковски.
 
На „Лимак Купот на Македонија 2017“  кој ќе се одржи од 17 до 19 февруари 2017 година ќе настапат осум екипи  во машка конкуренција и четирите најдобро пласирани по првиот дел на првенството во Првата женска лига.
 
Инаку, Лимак Холдинг е светски реномирана компанија со седиште во Турција основана во 1976 година, специјализирана за секаков вид инфраструктурни и градежни проекти, вклучувајќи аеродроми, пристаништа, автопати, брани, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти, цевководи, хотелиерство и туризам.
 
Како компанија која поставува силно посакувани, високи стандарди во овие области, Лимак Холдинг се најде на листата на 250 Топ градежни компании рамо до рамо со светски докажани градежни магнати, според  Engineering News-Record (ENR).
 
-Реномираната и светски позната градежна компанија Лимак за кратко време ќе започне со изградба на огромен комплекс вклучително и тунел на просторот околу Старата железничка станица во Скопје.
 
Лимак планира да инвестира околу 200 милиони евра во современ, атрактивен, мултифункционален деловно резиденцијален комплекс кој ќе има за цел да го спои симболот на градот-Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје, соопштија од МКФ.