Македонија
10. January 2018 - 10:17

Лидерот на Нова демократија ги откри „црвените линии“ во спорот со името

Сложено име со географска одредница, име за сите и за севкупна употреба (ерга омнес) и откажување од секакви иредентистички изјави или пракси од страна на Скопје – се трите предуслови во „црвените линии“ на грчката опозициска Нова демократија.

Говорејќи пред партиските членови кои се одговорни за различни сектори, Кирјакос Мицотакис, според грчката новинска агенција АНА-МПА, ги претставил црвените линии на партијата и рекол дека Нова демократија нема да прифати решение само за името, доколку не се исполнат и другите критериуми.

Во однос на откажувањето од иредентизмот, објаснил дека тоа може да се случи само преку билатерален договор, а пакетот договор за името, според Мицотакис, треба да биде усвоен од ОН.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, во обраќањето на почетокот на состанокот, Кирјакос Мицотакис, рече дека земјата има национална линија - онаа што беше одредена во Букурешт во 2008 од владата на Караманлис, а оваа позиција е официјална позиција на Нова демократија.

- Минимумот што може да го направи владата е да ја одбрани во целост позицијата од Букурешт. Затоа што името не се однесува само на името. Сѐ помалку од ова, не може да биде прифатено. Како што секако не може да биде прифатено никакво нецелосно решение, што не го решава проблемот во целост. Ова не се однесува само на примената на решението, на ерга омнес, туку и на неприфатливите иредентистички изјави од нашите северни соседи, кои ги провоцираат патриотските чувства на сите Грци, не само на Македонците, вели лидерот на опозициската партија, пренесува МИА. 

За македонската влада, Кирјакос Мицотакис, објасни дека треба во пракса да покаже дека ја почитува чувствителноста на грчкиот народ во однос на историјата, но и да покаже дека има капацитет во внатрешноста на земјата да наметне едно заемно прифатливо решение. За грчката влада, пак, рече дека не крие дека нема никаква доверба, бидејќи, како што вели, е способна да направи се за да се задржи на власт.

- Владата е онаа која има одговорност за преговорите. Одбра да преговара тајно, без да ги информира партиите од опозицијата. Засега, она што гледаме е театар со сенки, во кој министерот за одбрана се обидува да си ја задржи фотелјата, а министерот за надворешни работи рече дека Каменос не го прифаќа терминот Македонија на грчки. Божем можеме да ги принудиме странските земји да го говорат нашиот јазик. Смешни работи за еден сериозен случај, рече Кумуцакос, во воведното обраќање.

Во однос на информациите што во изминатите денови ги објавија грчките медиуми, дека членовите на опозициската партија, добиле упатства да не учествуваат во демонстрациите за името Македонија, Мицотакис, на состанокот, според АНА-МПА, рекол дека не постоела никаква забрана или наредба за членовите да ги изразат нивните ставови или да одат на некој протест.