Свет
25. March 2017 - 14:42

Лидерите на ЕУ во Рим ја потпишаа Римската декларација

Лидерите на земјите-членки на Европската унија ја одбележа денеска во Рим 60-годишнината од потпишувањето на Римскиот договор, со кој се удрени темелите на ЕУ. 

Лидерите на 27-те земји-членки потпишаа нова Римска деклрација, шест децении по потпишувањето на Римскиот договор. 

Со потпишувањето на декларацијата заврши прославувањето на 60-годишнината од потпишувањето на Римскиот договор. На церемонијата учествуваат претседатели и премиери на 27 членки на Унијата, како и претставници на европските институции. 

Впечатливо на самитот беше отсуството на британската премиерка Тереза Меј, која в среда и формално во писмо до претседателот на Европскиот совет. Доналд Туск ќе го најави излегувањето на Велика Британија од ЕУ. 

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека прослава, како што е 60 годишнината од потпишувањето на Римскиот договор без учество на Велика Британија е „мошне тажен момент“. 

Тој додаде дека Брегзит е трагедија за останатите 27 членки на Унијата.

Со декларацијата се одредуваат основните насоки на дебатата за иднината на ЕУ. Дебатата треба да заврши до крајот на годината и врз основа на резултатите да почне дефинирањето на политиките, кои ќе го карактеризираат развојот на Унијата во следните десет години.

Церемонијата ја отвори италијанскиот премиер Паоло Џентилони во улога на домаќин, а лидерите беа поздравени од градоначалничката на Рим Вирџинија Раџи.

Џентилони изјави дека лидерите на ЕУ мораат да ја заслужат поддршката на своите граѓани, спротивставувајќи се на растечкиот национализам на европскиот континент со создавање нови работни места и елиминација на социјалната нееднаквост. 

- Мораме да ја вратиме довербата на нашите граѓани преку стимулативен раст, намалување на сиромаштијата и социјалната нееднаквност, рече Џентилони.

- Пред 60 години беше направен избор во корист на обединување, а не разделувањето, избор меѓу доброто и лошото, по двете војни - злото, беше избрано едно добро - да се движиме заедно кон мирна идина, нагласи тој.

Џентилони посочи дека Европејците живееле 60 години мирно и слободно, благодарение на храбриот избор, направен од основачите на ЕУ.

- Сега тоа е најширокото трговско партнерство, една мирна супердржава, како што ја нарекуваат ЕУ. Бевме шест пред 60 години, а сега сме 27. Тоа е доказ за вистинскиот избор на нашите основачи, изјави италијанскиот премиер.

Тој ги спомена проблемите со кои ЕУ се соочува изминатите години.

- Се судривме со растечката нестабилност во регионот околу Европа, со миграцијата, со најсериозната економска криза од поствоениот период и застанавме. Сето тоа се одрази врз јавното мислење, во одлуката за излез на Велика Британија, во зголемувањето на национализмот. Но ЕУ избира да се движи напред и можеме да го правиме тоа во блиските десет години, нагласи Џентилони.

Меѓу силните страни на ЕУ тој ги посочи слободната трговија, која може да се справи со протекционизмот.

- Нашата сила е во слободата и почитувањето на човековите права. Растот, инвестициите, работните места, одговорот на потребите на граѓаните, почитување на вредностите - тоа се основите врз кои треба да се развива ЕУ, рече италијанскиот премиер.

Тој посочи дека изработувајќи ја заедничката декларација сите земји „се откажаа од нешто во името на заедничкиот интерес и тоа е правилно и неопходно, за да се движиме напред“. 

- Од создавањето досега ЕУ си дозволи голем број грешки, изјави на отворањето на самитот претседателот на Еропскиот парламент, Антонио Тајани.

- Ние сме уморни од нашата Европа, но треба да работиме подобро. За жал се направени многу грешки, додаде тој.

Според Тајани Европа има потреба од промени. - Европа треба да биде променета, но не и уништена. Повеќе од кога и да е имаме потреба од единство, додаде тој.

Претседателот на Европскиот совет, Туск ги повика лидерите на ЕУ да вложат напори за извлегување на Европа од кризата. 

- Докажете денеска дека сте лидери на Европа, дека можете да се грижите за ова големо наследство, кое го добивме од хероите на европската интеграција пред 60 години, рече Туск во обраќањето пред учесниците на самитот.