Македонија
17. November 2015 - 16:56

Лекарите бараат партиципација за оние кои секојдневно одат кај матичен лекар

Патиципација кај матичен за секое повторно одење за иста дијагноза. Минимална сума да плаќаат сите кои секој ден одат на лекар за мерење на крвен притисок или шеќер во крвта. Ова барање на Лекарската Комора треба да биде предмет на преговори со здравствените власти. Неколку години докторите од примарната заштита бараат прегледот да се наплаќа, но досега без позитивен одговор од надлежните. Целта според Комората е надминување на непотребните гужви во ординациите.

-Значи зборуваме за некоја симболична сума која би се наплатувала. Едноставно, вакви пациенти непотребно го одземаат времето нас лекарот а одбиваат на пример медицинска сестра да им мери притисок туку инсистираат тоа да биде матичниот, вели Ленче Нелоска потпретседател на ЛКМ.

Покрај воведување на ред во ординациите на матичните лекари, Комората ќе бара и едукација на пациентите за почитување на законите. Тоа се однесува на лекувањето компликации од надрилекарство кое треба да биде приватен трошок, но ова никој не го почитува. Исто така инисистираат и на почитување на дежурните служби кои биле за итни случаи а не за обична настинка.

-Не може за банални работи да одат пациентите во дежурните служби кои се наменети за ургентни и итни случаи. На пример ако преку ден не успеал да отиде на лекар оди на дежурен што е погрешно, вели Нелоска.

Примарното здравство е столб на здравствената пирамида и не смее на никој начин да се наруши достапноста на услугите. Ова е одговорот кој години наназад го добиваат лекарите од надлежните инситуции по барањето да се воведе партиципација кај матичен.