Бизнис
25. September 2017 - 19:39

Лебот поскапува по Нова година?

Можно е поскапување на лебот и брашното по Нова година. Македонија годинава се соочи со драстично намалено производство на пченица.

Не подобра е ситуацијата и во соседна Србија и регионот од каде што претежно увезуваме лебно зрно и брашно. Експертите појаснуваат дека поради сушата и намалените приноси,  цената на житото ќе оди нагоре и во светски рамки.

Млинарите велат дека земјава засега има и залихи од лани, но со намалената реколта годинава количините нема да ги задоволат годишните потреби на населението. Посочуваат дека берзанските цени на пченицата растат што ќе влијае на поскапување на финалните производи. 

Засега зголемувањето  на цената на пченицата на светските берзи не е драстично. Но за две до три недели кога ќе заврши и жетвата на пченката која е субститут на пченицата, ќе се знае дали ќе има поголеми флуктуации. Експертите велат дека и увозот на поскапа пченица од надвор неминовно ќе влијае на цената. 

Од МЗШВ пак уверуваат дека нема да има дестабилизација на пазарот на лебното зрно ниту пак ќе поскапат пекарските производи, иако потврдуваат дека недостигот од над 100 000 тони за домашни потреби ќе се обезбеди преку увоз.

„Поради лошите временски услови, годинава производството на пченица е намалено за 38 отсто во споредба со родот од минатата година.

Имајќи го во предвид оствареното производство на 196.000 тони пченица од родот од 2017 година  и годишните потреби на Македонија од околу 300.000 тони,  се проценува  дека оваа година ќе има недостаток од околу 104.000 тони пченица,кои се очекува да се обезбедат преку увозот на пченица и брашно.

И НБРМ во последниот извештај потврдува дека берзанските цени на пченицата за годинава се ревидирани во нагорна насока. Се очекува повисок раст, во најголем дел поради очекувањата за помало производство како резултат на сушите во Европа и Австралија. За следната година се прогнозираат уште повисоки цени за житните култури.