Свет
18. October 2016 - 14:50

Ле Дријан: Битката за Мосул може да трае со месеци

Францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дријан денеска предупреди дека битката за заземањето на ирачкиот град Мосул, од рацете на таканаречната Исламска држава, може да трае со месеци, јави Танјуг.

-Тоа може да биде една долга битка, а не блицкриг. Таа може да трае повеќе недели, а можеби и месеци, рече Ле Дријан пред новинарите во Париз, ден по почетокот на офанзивата врз Мосул.

Долгоочекуваната офанзива врз овој ирачки град почна вчера, а во оваа најголема воена операција во Ирак од повлекувањето на американските сили во 2011 година, учествуваат околу 30.000 војници.

Американската војска, која ја предводи коалицијата што дава поддршка на офанзивата од воздух и на терен, исто така, предупреди дека битката може да биде долга и тешка.

Франција во четврток ќе биде домаќин на меѓународен самит на тема политичката иднина на Мосул, додека министрите за одбрана на членките на коалицијата ќе се состанат следниот четврток во Париз за да го проценат напредокот на воениот фронт.