Македонија
28. January 2016 - 17:57

ЛДП и Беса со заедничка заложба за фер и демократски избори

Заедничка заложба на Либерално-демократската партија (ЛДП) и движењето Беса е да се обезбеди фер и демократски изборен процес на претстојните вонредни парламентарни избори. Тоа е заклучокот усвоен на денешната средба на претседателите на ЛДП и на Беса, Горан Милевски и Биљал Касами, соопшти ЛДП.

Истовремено, двете партии бараат да се овозможи граѓаните слободно да ја изразат својата волја, без никакви притисоци и закани, како пред изборите, така и за време на изборниот ден.

Според соопштението, на средбата на која учествуваа и потпретседателот на ЛДП Зоран Шапуриќ, претседателот на ЛИДЕМ, Стефан Миноски, како и членовите на централното претседателство на Беса, Ермира Асани - Салија и Африм Гаши, се разговарало за актуелната политичка состојба и за спроведувањето на договорот од Пржино. При тоа е заклучено дека опозицијата не смее да учествува на избори кои нема да ги исполнуваат европските стандарди и и е упатен повик до сите партии да дадат максимални напори во исполнувањето на потпишаниот договор.