Македонија
2. February 2016 - 15:33

Лажна пријава за разбојништво во спортска обложувалница во Долно Палчиште

Ш.М. (25) од тетовска Голема Речица вчеравечер лажно пријавил дека околу 20 часот  додека бил на работа во спортска обложувалница во Долно Палчиште  врз него било извршено разбојништво од три непознати, маскирани, вооружени лица, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според телефонскиот исказ на Ш.М. тројцата маскирани набрзина влегле во обложувалницата, насилно му го одзеле дневниот промет, го демолирале  објектот, потоа го извлекле надвор и го фрлиле во блиската река  од каде  тој телефонски  го пријавил разбојништвото.  Потоа  тој бил пренесен во тетовската клиничка болница каде му била укажана помош и нешто подоцна  бил пуштен.

- За кусо време полициски службеници на СВР Тетово преземaјќи соодветни мерки и активности утврдиле дека Ш.М. целосно ја измислил приказната односно дека го фингирал разбојништвото откако  претходно во обложувалницата загубил поголема сума пари играјќи разни хазадерски игри и не бил во можност да ги врати. За лажното пријавување на разбојништвото  а во консултација со јавен обвинител  против Ш.М. ќе следува поднесок, изјави Јосифовски.

Тој посочи дека во СВР Тетово само во текот на минатиот месец биле регистрирани најмалку десетина лажно пријавени настани претежно кражби и разбојништва при што најголемиот број од нив веќе се целосно расветлени, а пријавителите ќе се соочат со соодветни поднесоци согласно членот 366 од Кривичниот законик на Република Македонија. За лажно пријавување на кривично дело според овој член предвидена е затворска казна од три месеци до три години.