Македонија
31. January 2017 - 20:08

Лажна дојава за бомба во Собранието, јавувачот бил од затворот Идризово

74 затвореници од казнено поправната установа „Идризово“ се под истрага по лажната дојава за поставена бомба во македонското собрание. Истрагата на полицијата утврдила дека заканата за поставен експлозив во законодавниот дом пристигнала од телефонска говорница во полузатвореното одделение. Од затворот „Идризово“ велат оти управата веднаш почнала со испрашување на затворениците сместени во одделението од кое пристигнала заканата.

Доцна синоќа околу 23 часот пристигна пријавата за поставена бомба во собранието. Министерството за внатрешни работи добило повик на телефонскиот број 192 во кој маж пријавил дека во законодавниот дом има експлозивна направа по што го прекинал телефонскиот разговор. Единицата за анти-тероризам веднаш излегла на терен. Присутните во објектот биле евакуирани а припадниците на МВР детално ја пребарале собраниската зграда. Нивната истрага не пронашла експлозив па почнала потрага по лажниот дојавувач.

- За неполна седмица ова е втора лажна закана за напад на државна институција. Во петокот доцна попладне во МВР преку телефонскиот број 192 било пријавено дека владината зграда ќе биде гранатирана со две ракети.

Министерството за внатрешни работи веднаш ги превзело сите мерки за проверка на заканата. Утврдило дека таа доаѓа од мобилен телефонски број. Истрагата на МВР за кратко го пронашла сопственикот на бројот и го привела. На распитот во полицијата бил приведен 60 годишен скопјанец. За случајот е известен и јавен обвинител.