Свет
14. January 2018 - 12:02

Лажен аларм за ракетен напад врз Хаваите

Голем број граѓани на Хаваи добиле текстуална порака во која се предупредувало на закана од напад со балистички проектил. Во меѓувреме, официјалните лица потврдија дека заканата е лажна.

Во пораката, граѓаните се предупредувале на закана од балистички проектил и се повикувале итно да побараат засолниште.

Ваквата порака предизвика општа паника меѓу населението на Хаваи, а некои велат дека објавата дека станува збор за лажна тревога следувала дури по 38 минути откако пораката дошла до граѓаните.

Како што пренесуваат светските медиуми, во тој период жителите на Хаваи барале засолниште секаде каде што можат – во канализација, кади и подруми…

Жител на Сан Диего објавил гласовна порака што ја добил од неговата мајка:

„Само што добивме предупредување дека ракетата доаѓа накај нас… Велат дека не станува збор за вежба и дека треба да најдеме засолниште. Не можеме да направиме многу и ако ова е вистина јас само сакав да ти кажам дека те сакам“.

Покрај тоа, еден човек објави видео од терен за голф велејќи дека само што завршил со последната дупка: „Ве сакам сите, но сакам и голф… Тоа ќе биде последното нешто што ќе го сторам“.

Видео клипот на Твитер го објави ќерката на човекот со коментар „Мојот татко ќе живее и ќе умре играјќи голф“.

Се уште не е точно познато што ја предизвикало оваа грешка, а Гувернерот на Хаваи, Дејвид Ајг, за „Си-ен-ен“ изјави дека најверојатно некој вработен во безбедносните служби „притиснал погрешното копче при промена на смените“.

Предупредувањето не било испратено само преку мобилни телефони, туку и преку локалните радио и телевизиски канали.

Во декември минатата година, Хаваи тестираше сирени за предупредување од нуклеарен напад за првпат по крајот на Студената војна.

Тестирањето следеше по растечките закани од ракетната и нуклеарна програма на Северна Кореја.

Извор: Макфакс