Ракомет
16. January 2018 - 16:54

Лазаров: Да биде реми со Германците како во Ниш

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, на денешниот брифинг со новинарите во Загреб рече дека е задоволен од почетокот на шампионатот.

„Ова е одличен почеток за нас на едно европско првенство. Од два натпревара имаме две победи, и тоа против квалитетни противници како Словенија и Црна Гора. Одигравме два тешки натпревара, во кои во сите 60 минути не се знаеше победникот, односно се одлучуваше во последните мигови. Тоа ми дава надеж дека на последниот меч ќе настапиме со уште поголема самодоверба затоа што ја стекнавме во овие 120 минути со одлична игра во нападот и одбраната“, изјави Кире Лазаров.

Во пресрет на утрешниот натпревар со Германија, тој вели дека Германците се можеби најдобра репрезентација на ова ЕП, но дека воопшто не треба да се плашиме од нив. „Знаеме со кого играме, Германија е европски шампион, можеби и најквалитетната и најдобра по ростер репрезентација во овој момент на ЕП. Меѓутоа, ни дава право да се надеваме гледајќи го мечот вчера со Словенија и она што се случуваше, дека може да се игра и против една таква Германија и воопшто не треба да се плашиме од името на противникот, туку, напротив, да ја играме нашата игра. Остануваат повеќе од 24 часа за да одмориме и мислам дека имаме многу што да покажеме. Вчера победивме, меѓутоа имаше мало незадоволство кај нас поради некои сегменти од играта и сметам дека мораме подобро против Германија. Што се однесува до самиот меч со Германците, имаме нерешено од Ниш пред 6 години, тоа е позитивен резултат… Потпишуваме веднаш за нерешено против нив“, изјави Лазаров.