Свет
22. February 2017 - 23:59

Лавров: Русија е против делење на одговорноста за бегалците од Блискиот исток

Русија е против делење на одговорноста за судбината на бегалците од Блискиот исток и северна Африка, денеска изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, цитиран од ТАСС.

На средба со високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, во Москва, концепцијата што е лансирана од некои западни земји Лавров ја оцени како контрапродуктивна.

-Тоа е обид за префрлање на товарот на туѓи плеќи, изјави тој.

Лавров подвлече дека на бегалците треба им да помогнат оние кои ја предизвикале нестабилноста на Блискиот исток и северна Африка, мешајќи се во внатрешните работи на суверени држави.

Рускиот шеф на дипломатија ја изрази подготвеноста на неговата земја да продолжи да и помага на Службата на високиот комесар на ОН за бегалци.

-Русија е подготвена да ги финансира програмите на службата за решавање на проблемот со масовната појава на апатриди (луѓе без државјанство) кај претставници на рускојазичните малцинства во Балтичките републики, конкретно во Летонија и Естонија, рече Лавров. 

Филипо Гранди за првпат ја посетува Москва откако минатата година стапи на должноста висок комесар на ОН за бегалци.