Балкан
30. August 2017 - 8:30

Курти: Дијалогот меѓу Белград и Приштина е мртов

Основачот на движењето „Самоопределување“ и кандидат за премиер на Косово Албин Курти изјави дека нема причина за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, оценувајќи дека тој процес е „мртов“.

- Прашање е зошто да продолжиме со пропаднат процес, неуспешен модел? Ќе соработуваме со Брисел, Берлин и Вашингтон да покренеме дијалог со нив за односите меѓу Косово и Србија, изјави тој во интервју за емисијата на РТК „Јета не Косове“, одговарајќи на прашањето дали ако стане премиер ќе продолжи со дијалогот.

Според него, тоа значи дека дијалогот со партнерите за решавање на проблемите со политичкиот противник, а не дијалог со противниците, во кој партнерите се позиционирани како неутрални арбитри, пренесува „Ал Џезира Балкан“.

Курти оцени дека дијалогот не донел напредок во односите меѓу Србија и Косово, а ниту во интеграцијата на заедницата.

Лидерот на „Самоопределување“ вели дека актуелниот дијалог Белград-Приштина е „асиметричен“, тврдејќи дека за него нема национален консензус во Косово.

- Поради овој дијалог без принципи, меѓународните функционери не бараат од Србија да го признае Косово. А за воспоставување нормални односи, Србија треба да го признае Косово, потенцираше Курти.

Тој уште инсистира дека Србија треба да се извини за воените злосторства и да исплати отштета, како и да ја врати целата документација и украдениот имот.

- Тоа се првите чекори кон можна нормализација на односите со Србија и тие можат да се остварат со помош и инсистирање на Вашингтон, Берлин и Брисел, заклучи Курти.