Македонија
9. February 2016 - 16:45

Курир: Лажна изјава или лакомост на Катица Јанева?

Специјалната обвинителка поседува два стана во Скопје, а од државата очекува  живеалиште под кирија. Катица Јанева во семптември минатата година побарала од Владата службен стан во Скопје. Како што пренесува Курир, во барањето упатено до комисијата за станбени прашања, обвинителката навела дека живее на повеќе од 100 километри од главниот град и затоа очекува позитивен одговор од Комисијата.

Во барањето како аргумент Јанева наведува дека не поседува во сопственост стан или куќа во Скопје. Таа до комисијата приложила и изјава од нотар. Но во изјавата,  специјалната обвинителка отстапува од исказот упатен  до Владата и тврди дека таа и членовите на потесното семејство немале во сопственост или под закуп недвижен имот во Скопје од најмалку 80 м2.

Имајќи го во предвид имотниот лист на Јанева каде е наведено дека поседува два стана од по 68 и 72 метри квадратни, јасно е зошто е дополнет исказот кај нотар и веројатно тоа е причината за манипулацијата.

Според Курир, до ноември се уште не е извршена промена во катастарот и префрлање на становите на име на нејзините деца. Дали станува збор за давање на лажен исказ, што е кривично дело или обид да се извлече лична корист од функцијата на која што беше поставена заради надминување на политичката криза, треба да покаже  понатамошната постапка.