Свет
15. September 2017 - 9:32

Курдските лидери ќе го разгледуваат планот за одложување на референдумот за независност

Курдските лидери ќе го рзагледаат планот на делегацијата на западните земји, кој предвидува одложување на референдумот за независност во курдската автономна област во Ирак, се наведува во соопштението на претседателство на Ирачки Курдистан.

Делегација на претставници од САД, Обединетите нации и Велика Британија се сретна со претседателот на автономната област Масуд Барзани со предлог да се одложи гласањето, закажано за 25 септември.

Делегацијата изразила загриженост дека моментот на одржување на референдумот би можел да ја наруши акцијата на коалицијата, покрената против групата Исламска држава (ИД).

Сепак, локалните медиуми јавија дека неколку часа по тој состанок, Барзани на собир во Захо во знак на поддршка на референдумот, на насобраните им порачал дека гласањето ќе се одржи на 25 септември, како што било и планирано.

Реакција на најавениот референдум, стаса и од Турција, која силно се противи на референдум во тој регион на северот на Ирак, кој од 1991 година ужива автономија, која постепено се проширува.

- Курдскиот регион би требало да биде свесен дека сигурно ќе ја плати цената за инсистирањето да се одржи референдум и покрај нашите пријателски предупредувања, се посочува во вчерашното соопштение на турското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението уште се наведува дека официјална Анкара ја поддржува одлуката на ирачкиот Парламент, со кој референдумот е прогласен за неуставен.

Ирачките Курди на 25 септември планираат да одржат референдум во трите покраини на Ирачки Курдистан, но и во другите спорни територии со мнозинско курдско население. Курдистан е регион во северен Ирак, кој има автономија од 1991 година. Вооружените сили на Ирачки Курдистан учествуваат во офанзивата против Исламска држава.

Во случај Ирачки Курдистан да се одвои од Ирак тоа би значело најголемо прекројување на границите на Блискиот Исток од формирањето на Израел во 1948 година. Со тоа од Ирак би се отцепила територија  богата со нафта со површина на Швајцарија

Ирачки Курдистан зазема околу 10 отсто од ирачката територија и има околу три милиони жители од вкупно 37-милионско население во Ирак.

Курдско малцинство освен во Ирак, има во Турција, Иран и во Сирија.