Свет
24. March 2018 - 10:40

Курц: Преземањето строги мерки за заштита на границите на ЕУ е похумано отколку мигрантите да се дават

ЕУ треба да почне да го блокира пристапот на нелегалните мигранти по границите, а не да им овозможува да стигнат до претпочитаната европска дестинација, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц. Според него, таквиот пристап би бил похуман од сегашната ситуација.

- Ќе дадеме се од себе за да го искористиме нашето европско претседателство за да обезбедиме подобра европска соработка за обезбедување на нашите надворешни граници", изјави Курц во интервју за ДПА по повод навршувањето 100 дена откако ја презеде функцијата, во кое зборува за својата програма во областа на миграцијата, коалицијата со крајната десница и австриското претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на годината.

 - Луѓето што нелегално патуваат во Европа мора да бидат запрени, згрижени и вратени, а не само да се пропуштаат да минуваат слободно, оцени Курц.

Тој рече дека и натаму верува оти австралискиот модел кадешто азилантите се сместуваат во центри на острови е оној што Европа мора да го спроведе. Сепак Австралија, до одреден степен, беше принудена да се откаже таквата пракса поради нарушување на човековите права.

- Она што не се споменува, е дека токму поради оваа политика луѓето веќе не заминуваат на незаконски патувања кон Австралија. И што е поважно: никој веќе не се дави на пат кон Австралија,  рече австрискиот канцелар.

- Моделот кој Европа го практикува во последниве години не е така хуман, како што се смета. Всушност, тој доведе до давење на илјадници луѓе во Средоземното Море и најверојатно до смрт на уште повеќе луѓе од жед во пустините, изјави Курц.

.- Иако ЕУ не може директно да го преземе австралискиот модел на крајбрежни центри за задржување, Унијата треба да ги распореди овие центри што е можно поблиску до земјите на потекло или во други безбедни земји, каде мигрантите ќе можат да бидат вратени од границите на Европа, посочи тој .

Курц не прецизира уште колку  граничари и бродови во Средоземното Море ќе бидат потребни за да се оневозможат мигрантите да влезат, но според него, сите членки на ЕУ треба да обезбедат средства и персонал.

- Австрија е подготвена да учествува со непропорционално голем придонес, потенцира Курц и оцени дека најважно е  да се постигне политичко решение во рамките на ЕУ за мандатот на граничната полиција на Унијата.

- Тоа значи дека тие ќе спасуваат (мигранти) и потоа ќе ги прават подготовките за враќање во нивните земји на потекло, кон транзитни земји или некое друго безбедно место надвор од Европа, истакна Курц.