Свет
20. August 2017 - 11:08

Курц: Австрија нема да толерира мешање во внатрешните работи од Ердоган и неговите министри

Австрија нема да трпи мешање во своите внатрешни работи од страна на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговите министри, изјави шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц, во интервју за германскиот весник „Велт ам зонтаг“, цитирано од ТАСС.

-Сосема јасно го отфрлам постојаното мешање на Ердоган во внатрешните работи на други држави, не само на Германија, рече Курц.

„Ердоган се обидува да ги искористи граѓаните од турско потекло, особено во Германија и Австрија, за да го поларизира (општеството) и конфликтите да ги  префрли од Турција во ЕУ“, посочи тој.

-Во случај, Ердоган или негови министри, да имаат намера да направат нешто слично за време на претстојните парламентарни избори во Австрија, уште од сега сакам да кажам дека во никој случај нема да трпиме такво мешање, подвлече австрискиот министер.

Ердоган во петокот водечките политички партии во Германија ги нарече непријатели на Турција, и повторно Турците во Германија ги повика да не гласаат ниту за демохристијаните, ниту за социјалдемократите, ниту за зелените, за, како што кажа, да им „даде лекција“ за време на  парламентарните избори.

За германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, коментарот на Ердоган е „грубо мешање во внатрешните работи на Германија“.