Свет
16. December 2017 - 21:48

Курц: Австрија нема да ги напушти ставовите и дејствувањето на ЕУ

Австрискиот канцелар Себастијан Курц истакна вечерва, при презентацијата на програмата и членовите на новата австриска Влада, дека Австрија нема да ги напушти единствените ставови и дејствувањето на Европската унија.

Тој истакна дека новата Влада во Виена ќе биде јасно проевропска.

- Новата Влада сака да работи на зајакнувањето на ЕУ во областите каде е потребна соработка, како што се заедничката заштита на надворешните граници, економската и монетарната политика, но и на тоа Унијата да се повлече од оние области кои се однесуваат на националната регулација, посочи Курц. 

Тој нагласи дека го поддржува ставот на претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск, дека распределбата на бегалците не го решава проблемот, туку дека треба да се заштитат надворешните граници.

- Исто така Австрија сака да придонесе за подобрувањето на безбедноста и сака да придонесе ЕУ да биде поуспешна во борбата против тероризмот и радикализацијата, потенцираше австрискиот канцелар.