Македонија
17. October 2015 - 18:53

Курбиново ќе добие систем за наводнување

Со предавање цевки во должина од 520 метри и опрема за изградба на цевковод во селото Курбиново денеска почна реализацијата на десетте мали инфраструктурни грантови за месните заедници, обезбедени преку проектот „Заштита на Преспанското Езеро“.

Во селото Курбиново, како што информираше градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски, предвидено е воспоставување примарен систем за наводнување на околу 50 хектари овоштарници со што ќе се обезбеди рационално и одржливо користење на водата од Курбинска Река.

- Во имплементирањето на овој систем набавената опрема ќе биде поставена од жителите и Месната заедница на Курбиново со што се придонесува и партиципативно учество од корисници на проектот, за кој за опрема се обезбедени 20.000 долари, истакна Стрезовски.

Имплементацијата на проектот за мали инфраструктурни грантови во месните заедници, според него, ќе овозможи реализација на проекти во повеќе места чија крајна цел ќе биде подобра заштита на Преспанското Езеро.

- Со реализација на проектот комплетно ќе се реши проблемот за наводнување на овошните насади за околу 200 жители од селото Курниново. Ќе се направи примарен цевковод, што комплетно ќе го реши проблемот со издашноста не само со водата за наводнување, туку и за пиење, бидејќи дел од водата за пиење се користеше за наводнување на овоштарниците, изјави Стрезовски.

Сличен проект ќе се реализира и во селата Крани и Арватри каде со поставување примарен цевковод, градоначалникот смета дека ќе се подобрат условите за наводнување на обработливите површини.

Претавниците од Месната заедница во Курбиново ја потенцираа важноста на овој систем, бидејќи, како што рекоа, за нив оваа активност има големо значење за подобро наводнување на овоштарниците и подобри приноси, но и рационално користење на водата од реката. 

- Со реализацијата на пректот ќе се реши најголемиот проблем во ова село, а тоа е водоснабдувањето на овошните култури. Од секогаш сме имале голем проблем со наводнувањето, но сега ќе биде решен и во иднина ќе може да се садат нови овошни култури со што ќе се подобрува економијата, рече претседателот на месната заедница Курбиново Борче Ристсески.

Проектот „Заштита на Преспанското Езеро“ го релизираат УНДП и општина Ресен со средства од Швајцарската развојна агенција. Средствата од околу 200.000 долари ќе бидат искористени за подобрување на водоснабдувањето и наводнувањето, решавање на проблеми со отпадни води и изградба на еко паркови во повеќе населени места во Преспа, односно во Ресен, Јанковец, Крани, Курбиново, Наколец и Штрбово.