Македонија
21. September 2017 - 16:18

Кумуцакос обвинува: Коѕиас нема преговарачки мандат и кредибилитет за да разговара за името - Која е неговата позиција?

Името и мерките за градење доверба биле тема на разговор меѓу Димитров и Коѕијас на синоќешната работна вечера во Њу Јорк. Но ниту македонското ниту грчкото МНР не соопштија детали околу разговорите на двајцата министри.

Единствено на твитер беа објавени фотографии од средбата која се одржала на маргините од вчерашниот трет ден од учеството на македонската делегација на Генералното Собрание на Обединетите Нации.

Коѕијас пред два дена во Њујорк се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, со кого, меѓу другото, разговарале и за прашањето за името. Шефот на грчката дипломатија по средбата, на која присуствувал и медијаторот Метју Нимиц, изрази уверување дека после изборите постои прозорец за можности за дискусија за прашањето за името, ако се напушти иредентизмот.

Во Атина пак, одговорниот за надворешна политика на опозициската Неа демократија Јоргос Кумуцакос, одново ја обвини грчката влада дека во прашањето за името нема заедничка позиција а го постави и прљашањето за тоа кој му дал мандат на Коѕијас да преговара за спорот за името.

„Да ве потсетам дека пред неколку седмици, овде, во оваа сала, на ниво на лидери на партии се потврди дека имаат различни позиции во важното прашање за Скопје и за името. Една позиција на министерството за надворешни работи, официјална и регистрирана, друга позиција на министерот за одбрана. И се прашувам,бидејќи постојат разговори и во Њујорк во ОН и неодамна во Скопје, министерот за надворешни работи со која позиција преговара? Ова е важно прашање. Има некаков преговарачки мандат? А Ако има преговарачки мандат, кој е? Оној за кој што верува тој или оној за кој што верува министерот за национална одбрана? Со каков кредибилитет седи на маса да разговара со Генералниот секретар на ОН, со господинот Нимиц, со неговиот колега од Скопје? Која е неговата позиција? Оваа игра со националните прашања да заврши. Неа димократија нема шанси да ја следи. “, порача Кумуцакос во грчкиот Парламент.

Неодамна за време на состанокот во Драч, премиерот Заев најави дека очекува ноцва динамика на разговорите и нови предлози од медијаторот Нимиц до крајот на годината.