Македонија
16. August 2015 - 11:14

Кумановските пожарникари интервенирале пет пати

Кумановските пожарникари во текот на вчерашниот ден интервенирале пет пати, соопштија денеска од Територијалната противпожарна единица во Куманово.

И во текот на раните утрински часови пожарникарите интервенирале во два наврати.

Во периодот од 00:50 до 01:20 часот пожарникарите гаселе сува трева на локалитетот „Стари лозја“, а еден час подоцна горела трева на улицата „Кирил и Методиј“ во Куманово. Пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот во 02:35 часот по полноќ.

Во текот на вчерашниот ден кумановските пожарникари гаснеле опожарена сува трева крај автопатот Куманово-Табановце во близина на граничниот премин, а претходно две противпожарни возила и четворица пожарникари интервенирале на локалитетот „Магацин“ во кумановско Лопате каде горела сува трева и стрниште. Пожарот зафатил површина од два хектари, а причината и материјалната штета не се утврдени.

Во атарот на село Матејче во месноста Вуксан горела сува трева, но и мал дел дабова шума на надморска височина од 1.370 метри на непристапен терен. Пожарот во РЦУК Куманово го пријавиле припадниците на полициската станица Матејче. Во гаснењето на пожарот учествувале екипи на ТППЕ Куманово, 12 вработени од кумановската подружница на „Македонски шуми“ и месното население. За пожарот била информирана и Дирекцијата за заштита и спасување. Поради непристапниот терен пожарникарите се повлекле во 18:15 часот. Првично, според информациите на кумановската ТППЕ, зафатена е површина од околу еден хектар. Од РЦУК денеска информираа дека надлежните од „Македонски шуми“ ги известиле дека пожарот е изгаснат.