Бизнис
27. јуни 2017 - 12:10

Кумановската подружница на ЈП „Македонски шуми“ има доволна количина огревни дрва

Непречно се одвива испораката на огревни дрва до граѓаните кои имаат склучено договори со ЈП „Македонски шуми“. Претпријатието располага со доволна количина на огревни дрва со која ќе се задоволат потребите на граѓаните во претстојната грејна сезона.
 
- Граѓаните кои имаат склучено договор со претпријатието и кои ја уплатиле последната рата веќе ги добиваат дрвата од скалдот, изјави директорот на кумановската подружница на ЈП „Македонски шуми“ Ваит Саити.
 
Граѓаните од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане или приближно 1.500 кои имаат склучено договор со јавното претпријатие ќе бидат навремено снабдени со дрва.
 
- Околу 40 проценти од вкупно склучените договори, практично се реализираат. Како и претходните години што сме испорачале дрва на време така и годинава ќе биде успешна, бидејќи имаме залиха. Деведесет проценти од огревното дрво е бука, а цената е 2.371 денар метар просторен, изјави Саити.
 
Тој нагласи дека општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане годинава се уште немаат распишано тендер за снабдување со огревно дрво за училиштата, а доколку доцнат тендерите, како што рече, претпријатието нема да може да учествува. 
 
- Можеби ќе имаме проблем на есен само со училиштата бидејќи тендерите се уште не се распишани, а ние треба да планираме кое училиште или која општина колку дрва треба да земе. Ако тендерот доцни до септември или октомври, нема да имаме услови за испорака на дрва иако имаме дрва во планина, но условите не даваат да се однесат дрвата до училиштата, појасни Саити.
 
Училиштата во Куманово, Липково и Старо Нагоричане на месечно ниво трошат околу 5 до 6 илјади метри кубни дрва.