Македонија
23. February 2017 - 16:09

Куќа на хорор: Пелените за еднократна употреба ги переле и повторно ги употребувале во старачкиот дом во Радишани

Домот за стари лица Бранкица во Радишани ќе остане без лиценца за работа. Како што неофицијално дознава Сител, ваква е одлуката на Министерството за труд и социјална политика по неколкудневниот инспекциски надзор во домот каде биле констатирани бројни неправилности.  

-Дополнителните инспекциски контроли на Министерството за труд и социјална политика во домот за стари лица Бранкица во радишани, ги потврдија твдрењата на граѓани дека пелените за еднократна употреба ги перат, сушат и повторно ги употребуваат.

Од записниците на инспекторите, домот кој е на три ката нема лифт, што е неопходно за институција која згрижува неподвижни лица и нуди геријатриски услуги. Сопругата на пензионираниот полицаец Владо, покрај тврдењата дека бил малтретиран, укажа и на неквалитетот на храната што исто така било констатирано од инспекторите.

-Биле утврдени бројни неправилности и тоа уште од првичните контроли што беа направени од страна на министерството. Нема да бидеме толерантни кон никој што не ги исполнува условите за дејноста. Затоа побарав контроли не само во овој, туку во сите установи од овој вид, вели Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјална политика.

Сопругата на Владо најави дека правдата ќе ја бара на суд. Во оваа нејзина иницијатива од ден на ден има се поголем број поддржувачи за групна тужба поради лошото искуство што го имале со домот Бранкица. Покрај Министерството за труд и социјална политика, овој ден е предмет на контрола и од Санитарниот здравствен инспекторат. Во 2015 по претставка од граѓанин за нехуманиот однос на персоналот во домот, биле во инспекција и констатирале одредени неправилности.